Вести

Скопје, 29.10.2021

        

Виктор Калајџиски и Славе Несторовски се двајцата службеници во Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје кои годинава од Македонската банкарска асоцијација ја добија наградата за најдобри банкарски службеници. Во краток разговор со нив, каде им поставивме неколку прашања, ги пренесуваме нивното досегашно искуство, најголемите предизвици и што им причинува задоволство на работа.

Какво значење за вас има признанието кое го добивте?

Виктор:
Признанието кое го добив има големо значење за мене, посебно што истото доаѓа од колегите со кои  секојдневно соработувам повеќе години. Токму заради тоа, на ова признание гледам како на признание не само за мене, туку и за сите оние со кои секојдневно ги реализираме поставените цели и одговараме на многубројните предизвици.
Славе: Колегите што ме познаваат, знаат дека сум навистина тимски играч и за мене ова признание е од големо значење. Секогаш се трудам да бидам на ниво на доверените задачи и чест ми е што сум еден од двајцата службеници во банката кој го има задоволството годинава да го добие ова признание.

Раскажете ни за вашиот работен ангажман? Колку време работите во банката? Кој бил ваш најголем предизвик? На што сте најгорди? Што ви прави задоволство на работа?

Виктор: Во РБСМ сум од 2010 година, во Секторот за кредитирање и гаранции, и во почетокот бев ангажиран претежно на спроведување на кредитни линии за поддршка на агроиндустрискиот сектор.
Во текот на работењето се среќавам со многу предизвици, но бидејќи работиме во услужниот сектор, секогаш најголем предизвик претставуваат клиентите, односно, соодветно на нивните можности и потреби да го добијат соодветниот производ од банката, а на крајот од соработката задоволството да е заемно.
Секогаш е убаво кога има позитивна работна атмосфера, и кога секој се труди да даде максимум за реализација на планираните активности. Задоволството е најголемо кога со заеднички напор на тимот ќе се оствари зацртаната цел. Соодветно на тоа, многу сум горд, а верувам и сите во банката, особено што и во време на пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19 и отежнатото функционирање на стопанството, РБСМ успешно реализираше неколку ковид кредитни линии како поддршка на стопанските субјекти. За да се реализираат истите, имаше потреба од многу откажувања, дополнителен работен ангажман и тимски дух на високо ниво, но по успешно завршената работа задоволството е заемно и огромно.
Славе: Во банката работам пет години како службеник за осигурување и факторинг. Сметам дека осигурувањето и факторингот се уште се во сенка на кредитирањето, и не се доволно етаблирани кај домашните компании.Се залагаме да посветиме внимание на што поширока едукација за производите што ги нудиме. Придобивките од осигурувањето на продажбата, на пример, се посебно видливи во време на криза, односно каква што е актуелната Ковид 19 пандемија.
Најголем предизвик за мене е професионално и позитивно да ги надминеме очекувањата на клиентите. Задоволството од проактивната комуникација и брзината на реализација на обврските, е она што ги задржува клиентите кај нас.
Тековно, на професионално ниво, сум најгорд на тоа што годинава ќе забележиме историски највисок обем на осигурани побарувања. Тоа е резултат на тимски напори, одржување на репутацијата кај клиентите, новите клиенти, многучасовната обработка на билансите, итн. (хахаха).
Задоволство на работа ми прави тимскиот дух и дружбата со колегите, секогаш кога работните обврски го дозволуваат тоа.

Раскажете ни секторот во кој што работите? Што покрива и какви услуги и производи обезбедува за клиентите?

Виктор: Како што претходно кажав, во моментот сум ангажиран во рамки на Секторот за кредитирање и гаранции. Мојот најголем ангажман е околу комисионите кредитни линии кои се спроведуваат во име и за сметка на државата.
Во рамки на секторот, има повеќе производи за кои можат да аплицираат микро, малите и средните стопански субјекти, извозници и општини за реализација на ИПА проекти за прекугранична соработка. За некои производи, правните лица можат да аплицираат директно во РБСМ (кредити за агроиндустрија, кредити за општини и за индивидуални гаранции), додека за други производи можат да аплицираат преку деловните банки со кои РБСМ има склучено договор за реализација на истите (кредитни линии ЕИБ, ОКФ-ЗКДФ, микро кредитна линија и др.)
Во изминатиот период најбарани беа ковид кредитните линии, од кои три се целосно реализирани, а две се во завршна фаза на реализација. Заради последиците од Ковид пандемијата, компаниите најмногу се заинтересирани за кредити за одржување на ликвидноста. Од посебните и наменски ковид кредитни линии, како и од кредитната линија ЕИБ со субвенционирана каматна стапка, досега се пласирани повеќе од 144 мил ЕУР, поддржани се 4.419 компании, во кои се вработени 38.018 вработени.
Славе: Секторот за кредитно осигурување од 2021 работи со три производи: осигурување на побарувања, факторинг и царински гаранции. Во секторот имаме шест вработени и опслужуваме над 100 осигуреници кои имаат над 450 активни купувачи.
Од трите производи кои ги работиме, најмногу е застапено осигурувањето на побарувања на странскиот пазар, заради тоа што домашните компании тешко доаѓаат до информации за работењето на странските фирми. Затоа ние сме тука да го премостиме тој јаз и да ја оцениме кредитната способност на нивните купувачи, со што би го намалиле ризикот од наплата на побарувањата.

Каква порака би испратиле до колегите и клиентите?

Виктор: На постоечките и потенцијалните клиенти би им посакал здравје, успешна работа и што поскоро влегување во нормални економски текови и предвидливи макроекономски услови за работа. А за вработените во РБСМ имам слични желби: здравје, успешна работа и тимска и позитивна работна атмосфера.
Славе: Порака за потенцијалните клиенти – oсигурувањето на побарувањата е производ кој е широко застапен во светот, и на тој начин овозможува олеснување и зголемување на трговијата во светски рамки. Во комбинација со факторингот, двата производи преставуваат успешна алатка за управување  со ризикот и одржување на потребната ликвидност на компаниите. А за вработените во банката, би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на признанието и поддршката.

Скопје, 23.10.2021

 

Претставници на Развојна банка на Северна Македонија земаа учество на Годишното собрание на меѓународната унија на кредитни и инвестициски осигурители – Бернска Унија, во организација на Унгарската кредитно извозна агенција, EXIM Унгарија. На годишното собрание присуствуваа повеќе од 160 претставници од осигурители од 52 земји, членки на Бернската Унија.

На годишното собрание стана збор за бизнис трендовите, политиките и тековниот одговор на секторот кон КОВИД-19 пандемијата. Во првата половина од 2021 година, Бернската Унија забележува дека краткорочното осигурување се враќа во фокусот на компаниите поттикнато од високите цени на суровините и силната бизнис доверба. Членките на Бернската Унија одобриле кредитни лимити за купувачи во вредност од 1,8 трилиони американски долари заклучно до првата половина од годината, што претставува зголемување од 7% во однос на истиот период претходната година и ги надминува нивоата пред пандемијата во 2019 година за 3%. Растот кај краткорочното кредитно осигурување е најистакнат во развиените економии и е во согласност со трендовите на зголемување во меѓународната трговија со стоки.

Фарук Исмаили, главен оперативен директор и Дарко Стефановски, директор на сектор за кредитно осигурување
на Годишното собрание на Бернска унија

Во линија на ова се и резултатите на осигурани побарувања од Развојната банка во првата половина од годината, каде се осигурани побарувања во износ од 98 милиони, односно 3,4 пати повеќе од истиот период во 2020 година, за купувачи во 33 различни земји.

Подобрените економски изгледи и засега малиот волумен на барања за исплати на штети и покрај постепеното намалување на владините поддршки за индустријата и генерално на економијата, овозможуваат повисоки апетити за преземање на ризик од страна на осигурителите. Членките на Бернската Унија во првата половина од 2021 исплатија штета во износ од 1 милјарда американски долари по основ на издадени краткорочни полиси за осигурување, односно 38% помалку од истиот период претходната година што резултира во историски најнизок степен на исплата на штети во однос на осигурани побарувања.

И покрај позитивните услови и тековната стабилност во секторот, осигурителите остануваат со внимателно оптимистички став заради значителната неизвесност во следниот временски период од 12 месеци.

Развојната банка на Северна Македонија очекува годината да ја заврши со рекорден волумен на осигурани побарувања на домашен и странски пазар, со што додава позитивно влијание на извозната компонента во економијата.

 

Скопје, 09.10.2021

Шест банки досега се вклучија во кредитно-гарантната шема со потпишување на договор за издавање портфолио гаранција од Гарантен фонд кон нив. Со ова, од Гарантниот фонд се ставија на располагање 15 милиони евра во гаранции кон банките и штедилниците, со цел поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни фирми.

Под портфолио гаранција, банка или штедилница, може да стават кредити дадени на микро, мали и средни фирми во доминантна приватна сопственост за основни или обртни средства. Кредитите кои може да бидат ставени под портфолио гаранција треба да бидат со максимален износ до 30.750.000 денари и рок на отплата до три години за кредити за обртни средства, односно до осум години за кредити за основни средства.

Развојна банка на Северна Македонија до денес има издадено портфолио гаранции кон Стопанска банка АД Битола, УНИ банка АД Скопје, Централка Кооперативна банка АД Скопје, Капитал банка АД Скопје, Халкбанк АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје. Листата на банки и штедилници кои се дел од гарантната шема, се очекува да се шири и понатаму.

Кредитно-гарантната шема е дел од економските сетови на мерки донесени од Владата на Република Северна Македонија заради справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, и е дел од Планот за забрзан раст и развој на Владата. Со дополнување на Законот за Развојна банка на Северна Македонија, во рамките на истата, се формираше Гарантен фонд како посебна организациона единица. За Гарантниот фонд иницијално се одвоени средства во износ од 10 милиони евра со кои може да се гарантираат кредити во вкупен износ до 100 милиони евра.

Преку Гарантниот фонд се реализираат два производи (1) портфолио гаранции кон банки и штедилници, за поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни трговци и (2) индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз, за кои големите компании може да се обратат директно до Развојна банка на Северна Македонија.

Банките кои се вклучени во кредитно-гарантната шема се објавени на веб страницата на РБСМ, Производи - Гаранции - Портфолио гаранции.

 

Скопје, 29.09.2021

Ги известуваме сите кредитокорисници на ,,Ковид 3” кредитната линија, дека на 30 септември 2021 достасува првата рата од ,,Ковид 3” кредитната линија за кредитокорисниците кои користат 6-месечен грејс период. Достасаните обврски е потребно навремено да бидат подмирени.

Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, ги информира кредитокорисниците на ,,Ковид 3” кредитната линија со можност за грант компонента, дека реализацијата на кредитната линија се одвива согласно договорот кој РБСМ го има склучено со Министерството за финансии во име на Владата за реализација на оваа кредитна линија. Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, достави одговор до Сојузот на стопански комори во однос на барањето за ,,Ковид 3” и чекоритете кои треба да бидат преземени. Барањето за одложување е процесирано до надлежните институции и чинители. Отпочнат е процес на консултација за што кредитокорисниците ќе бидат навремено информирани.

Согласно горенаведеното, ги известуваме сите кредитокорисници од ,,Ковид 3” сѐ додека не бидат поинаку информирани од страна на РБСМ, своите обврски е потребно да ги исполнуваат согласно нивните договори за кредит.

Доколку има промени во договорните услови на кредитната линија, сите кредитокорисници од ,,Ковид 3” ќе бидат информирани од страна на банката.

Повлечена петтата транша од заемот на ЕИБ во износ од 22,8 милиони евра за домашните компании.                                                               НОВА БЕСКАМАТНА КРЕДИТНА ЛИНИЈА ЗА ОБРТНИ СРЕДСТВА ЗА ЗГОЛЕМЕНИ ЦЕНИ НА ЕНЕРГЕНСИ ПРЕКУ БАНКИТЕ УЧЕСНИЧКИ (ОБРТНИ СРЕДСТВА-ЕНЕРГЕНСИ-БУ)                                                               УШТЕ ЕДНА НОВА КРЕДИТНА ЛИНИЈА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ПРЕКУ БАНКИТЕ УЧЕСНИЧКИ (ЕЕ и ОИЕ)                                                               ИНДИВИДУАЛНИ ГАРАНЦИИ од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот и без надомест за компаниите до 31.12.2022 година.                                ПОРТФОЛИО ГАРАНЦИИ.                                ИНСТРУКЦИИ ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ ПО КРЕДИТНИТЕ ЛИНИИ: „КОВИД-1“, „КОВИД-2“ И „КОВИД-3“.