Вести

Интервју со најдобрите банкарски службеници во РБСМ

Скопје, 29.10.2021

        

Виктор Калајџиски и Славе Несторовски се двајцата службеници во Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје кои годинава од Македонската банкарска асоцијација ја добија наградата за најдобри банкарски службеници. Во краток разговор со нив, каде им поставивме неколку прашања, ги пренесуваме нивното досегашно искуство, најголемите предизвици и што им причинува задоволство на работа.

Какво значење за вас има признанието кое го добивте?

Виктор:
Признанието кое го добив има големо значење за мене, посебно што истото доаѓа од колегите со кои  секојдневно соработувам повеќе години. Токму заради тоа, на ова признание гледам како на признание не само за мене, туку и за сите оние со кои секојдневно ги реализираме поставените цели и одговараме на многубројните предизвици.
Славе: Колегите што ме познаваат, знаат дека сум навистина тимски играч и за мене ова признание е од големо значење. Секогаш се трудам да бидам на ниво на доверените задачи и чест ми е што сум еден од двајцата службеници во банката кој го има задоволството годинава да го добие ова признание.

Раскажете ни за вашиот работен ангажман? Колку време работите во банката? Кој бил ваш најголем предизвик? На што сте најгорди? Што ви прави задоволство на работа?

Виктор: Во РБСМ сум од 2010 година, во Секторот за кредитирање и гаранции, и во почетокот бев ангажиран претежно на спроведување на кредитни линии за поддршка на агроиндустрискиот сектор.
Во текот на работењето се среќавам со многу предизвици, но бидејќи работиме во услужниот сектор, секогаш најголем предизвик претставуваат клиентите, односно, соодветно на нивните можности и потреби да го добијат соодветниот производ од банката, а на крајот од соработката задоволството да е заемно.
Секогаш е убаво кога има позитивна работна атмосфера, и кога секој се труди да даде максимум за реализација на планираните активности. Задоволството е најголемо кога со заеднички напор на тимот ќе се оствари зацртаната цел. Соодветно на тоа, многу сум горд, а верувам и сите во банката, особено што и во време на пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19 и отежнатото функционирање на стопанството, РБСМ успешно реализираше неколку ковид кредитни линии како поддршка на стопанските субјекти. За да се реализираат истите, имаше потреба од многу откажувања, дополнителен работен ангажман и тимски дух на високо ниво, но по успешно завршената работа задоволството е заемно и огромно.
Славе: Во банката работам пет години како службеник за осигурување и факторинг. Сметам дека осигурувањето и факторингот се уште се во сенка на кредитирањето, и не се доволно етаблирани кај домашните компании.Се залагаме да посветиме внимание на што поширока едукација за производите што ги нудиме. Придобивките од осигурувањето на продажбата, на пример, се посебно видливи во време на криза, односно каква што е актуелната Ковид 19 пандемија.
Најголем предизвик за мене е професионално и позитивно да ги надминеме очекувањата на клиентите. Задоволството од проактивната комуникација и брзината на реализација на обврските, е она што ги задржува клиентите кај нас.
Тековно, на професионално ниво, сум најгорд на тоа што годинава ќе забележиме историски највисок обем на осигурани побарувања. Тоа е резултат на тимски напори, одржување на репутацијата кај клиентите, новите клиенти, многучасовната обработка на билансите, итн. (хахаха).
Задоволство на работа ми прави тимскиот дух и дружбата со колегите, секогаш кога работните обврски го дозволуваат тоа.

Раскажете ни секторот во кој што работите? Што покрива и какви услуги и производи обезбедува за клиентите?

Виктор: Како што претходно кажав, во моментот сум ангажиран во рамки на Секторот за кредитирање и гаранции. Мојот најголем ангажман е околу комисионите кредитни линии кои се спроведуваат во име и за сметка на државата.
Во рамки на секторот, има повеќе производи за кои можат да аплицираат микро, малите и средните стопански субјекти, извозници и општини за реализација на ИПА проекти за прекугранична соработка. За некои производи, правните лица можат да аплицираат директно во РБСМ (кредити за агроиндустрија, кредити за општини и за индивидуални гаранции), додека за други производи можат да аплицираат преку деловните банки со кои РБСМ има склучено договор за реализација на истите (кредитни линии ЕИБ, ОКФ-ЗКДФ, микро кредитна линија и др.)
Во изминатиот период најбарани беа ковид кредитните линии, од кои три се целосно реализирани, а две се во завршна фаза на реализација. Заради последиците од Ковид пандемијата, компаниите најмногу се заинтересирани за кредити за одржување на ликвидноста. Од посебните и наменски ковид кредитни линии, како и од кредитната линија ЕИБ со субвенционирана каматна стапка, досега се пласирани повеќе од 144 мил ЕУР, поддржани се 4.419 компании, во кои се вработени 38.018 вработени.
Славе: Секторот за кредитно осигурување од 2021 работи со три производи: осигурување на побарувања, факторинг и царински гаранции. Во секторот имаме шест вработени и опслужуваме над 100 осигуреници кои имаат над 450 активни купувачи.
Од трите производи кои ги работиме, најмногу е застапено осигурувањето на побарувања на странскиот пазар, заради тоа што домашните компании тешко доаѓаат до информации за работењето на странските фирми. Затоа ние сме тука да го премостиме тој јаз и да ја оцениме кредитната способност на нивните купувачи, со што би го намалиле ризикот од наплата на побарувањата.

Каква порака би испратиле до колегите и клиентите?

Виктор: На постоечките и потенцијалните клиенти би им посакал здравје, успешна работа и што поскоро влегување во нормални економски текови и предвидливи макроекономски услови за работа. А за вработените во РБСМ имам слични желби: здравје, успешна работа и тимска и позитивна работна атмосфера.
Славе: Порака за потенцијалните клиенти – oсигурувањето на побарувањата е производ кој е широко застапен во светот, и на тој начин овозможува олеснување и зголемување на трговијата во светски рамки. Во комбинација со факторингот, двата производи преставуваат успешна алатка за управување  со ризикот и одржување на потребната ликвидност на компаниите. А за вработените во банката, би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на признанието и поддршката.