Вести

Претставници на Развојна банка на Годишното собрание на Бернската Унија: Осигурителите внимателно оптимистични како што се враќа трговијата на нивоата пред пандемијата

Скопје, 23.10.2021

 

Претставници на Развојна банка на Северна Македонија земаа учество на Годишното собрание на меѓународната унија на кредитни и инвестициски осигурители – Бернска Унија, во организација на Унгарската кредитно извозна агенција, EXIM Унгарија. На годишното собрание присуствуваа повеќе од 160 претставници од осигурители од 52 земји, членки на Бернската Унија.

На годишното собрание стана збор за бизнис трендовите, политиките и тековниот одговор на секторот кон КОВИД-19 пандемијата. Во првата половина од 2021 година, Бернската Унија забележува дека краткорочното осигурување се враќа во фокусот на компаниите поттикнато од високите цени на суровините и силната бизнис доверба. Членките на Бернската Унија одобриле кредитни лимити за купувачи во вредност од 1,8 трилиони американски долари заклучно до првата половина од годината, што претставува зголемување од 7% во однос на истиот период претходната година и ги надминува нивоата пред пандемијата во 2019 година за 3%. Растот кај краткорочното кредитно осигурување е најистакнат во развиените економии и е во согласност со трендовите на зголемување во меѓународната трговија со стоки.

Фарук Исмаили, главен оперативен директор и Дарко Стефановски, директор на сектор за кредитно осигурување
на Годишното собрание на Бернска унија

Во линија на ова се и резултатите на осигурани побарувања од Развојната банка во првата половина од годината, каде се осигурани побарувања во износ од 98 милиони, односно 3,4 пати повеќе од истиот период во 2020 година, за купувачи во 33 различни земји.

Подобрените економски изгледи и засега малиот волумен на барања за исплати на штети и покрај постепеното намалување на владините поддршки за индустријата и генерално на економијата, овозможуваат повисоки апетити за преземање на ризик од страна на осигурителите. Членките на Бернската Унија во првата половина од 2021 исплатија штета во износ од 1 милјарда американски долари по основ на издадени краткорочни полиси за осигурување, односно 38% помалку од истиот период претходната година што резултира во историски најнизок степен на исплата на штети во однос на осигурани побарувања.

И покрај позитивните услови и тековната стабилност во секторот, осигурителите остануваат со внимателно оптимистички став заради значителната неизвесност во следниот временски период од 12 месеци.

Развојната банка на Северна Македонија очекува годината да ја заврши со рекорден волумен на осигурани побарувања на домашен и странски пазар, со што додава позитивно влијание на извозната компонента во економијата.