Вести

Одлучено за 96% од пристигнатите барања за ,,Ковид 3”

Вкупно досега се одобрени 2.678 кредитни барања, во износ од 30,3 милиони евра

 

РБСМ, 01.04.2021  Нова група од 95 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата.

На Јавниот повик ,,Ковид 3”, пристигнале кредитни барања за 3.282 компании. Од нив се обработени вкупно 3.155 кредитни барања за 34,3 милиони евра, заклучно со 30 декември, 11 часот и 49 минути. Од овие кредитни барања, 2.678 ги исполниле условите од Јавниот повик, додека 477 не исполниле најмалку еден или повеќе услови наведени во Јавниот повик.

Според структурата на одобрените кредитни барања, 1.413 кредитни барања се од мали компании, 1037 барања се од микро компании, 170 кредитни барања се од трговци-поединци и 58 кредитни барања се од занаетчии. Корисниците на бескаматните кредити од третата линија вработуваат вкупно 18.927 лица.

Најголем дел од одобрените 2.678 кредитни барања, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 32%, а по него следат Полошкиот регион со 15%, Југоисточниот со 12% и Југозападниот регион со 11%. Од Источниот и Пелагонискиот регион се по десет отсто од одобрените кредитни барања, додека од Вардарскиот и Североисточниот регион доаѓаат по 5% од одобрените кредитни барања.

Според структурата на кредитните барања кои не исполниле најмалку еден или повеќе услови, 51% од апликантите не го исполниле условот поврзан со односот меѓу капиталот и резервите од билансот и износот на кредит, 23% од апликантите кои испратиле кредитно барање не биле микро или мало трговско друштво, ТП или занаетчија. Кај 8% од апликантите не е утврден пад на приходи од најмалку 20% во 2020 година споредбено со 2019 година, а 7% од апликантите биле во неприфатлива кредитна категорија. Останатите 11% биле поголеми субјекти од оние опфатени со Јавниот повик, нови субјекти или не ја комплетирале својата документација.

Заклучно со вчерашниот ден се исплатени вкупно 2.361 кредитно барање, односно 88% од одобрените кредитни барања. Вкупниот износ на исплатени кредитни барања изнесува 26,9 милиони евра.
Сите 3.155 апликанти чии кредитни барања се одобрени или не се одобрени, се известени на е-маил адресата од тековната состојба.