Вести

Вицепремиерот Битиќи, ЕУ амбасадорот Гир и директорот Наумов ја промовираа новата линија бескаматни кредити Ковид 3

31 милион евра се ставаат на располагање на микро и малите компании, трговски претријатија и занаетчии

 

                                                                                                                               
Повикот е финансиран од                                                                                                                                                                        Развојна банка на
        Европска Унија                                                                                                                                                                        Северна Македонија АД Скопје


Скопје, 07.12.2020 - Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес на заедничка прес-конференција со ЕУ амбасадорот Дејвид Гир и директорот на Развојна банка на Северна Македонија Кире Наумов, изврши промоција на новата, трета по ред бескаматна кредитна линија Ковид 3, која од денес станува достапна за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, а со која на располагање се ставаат 31 милион евра.

„Би сакал да се заблагодарам на Европската Унија, која преку механизмот ЕУзаОтпорност од ИПА програмата, обезбеди 30 милиони евра за реализација на оваа мерка, додека 1 милион евра е државна поддршка од наменските програми во Буџетот, за справување со корона вирусот од страна на Владата“, соопшти вицепремиерот Битиќи. 

Битиќи посочи дека на јавниот повик, објавен од Развојна банка на Северна Македонија, 
може да аплицираат сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од корона вирусот, а може да се измери преку падот на приходите. 
„Во оваа трета кредитна линија, на барање на Занаетчиските комори, првпат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите кои имаат пад на своите приходи најмалку 20%, да можат да поднесат кредитно барање за кредит со 0% камата. Со овој исчекор во рамки на можностите само се потврдува искрената заложба на Владата и сите чинители во економските ресори да испорачаат реална поддршка на оние што најмногу им треба – на најмалите. Оваa мерка е континуитет на претходните две кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра, за 1.376 компании, за зачувување на близу 18.000 работни места во овие компании. Дополнително ја зајакнуваме поддршката и овозможуваме два и пол пати повеќе средства за компаниите, за обртни средства, за финансирање на тековните потреби, за реализирање проекти поврзани со зелена економија, воведување нови начини на продажба, дигитализација, нови услуги, поголема ликвидност и полесно справување со економските состојби. Очекуваме третата линија да поддржи 2.000 микро и мали субјекти“, нагласи вицепремиерот Битиќи во своето воведно излагање при промоција на новата бескаматна кредитна линија на Развојната банка.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадорот Дејвид Гир подвлече дека бескаматната кредитна линија е дел од голем финансиски пакет обезбеден од страна на Европската Унија во вредност од 40 милиони евра.

„Целта на овој пакет е да даде поддршка на малите бизниси како и да промовира вработување и да стимулира иновации. Од овие 40 милиони евра, 30 милиони евра заедно со 1 милион евра од националните фондови ќе добијат форма на бескаматна кредитна линија која што ќе биде управувана од страна на Развојна банка на Северна Македонија, наменета за микро и мали македонски претпријатија, коишто ќе им помогнат во справување со последиците од пандемијата. Останатите 10 милиони евра ќе бидат управувани од Агенцијата за вработување, се со цел да им се помогне на луѓето кои се без работа, а сакаат да основаат почетен бизнис, како и да им овозможи на микро, на малите и средните претпријатија да креираат нови можности за работа. Во исто време овој пакет „EU4resilience“- „ЕУ за отпорност“ ќе охрабри инвестиции во зелената и дигитална транзиција, прашања кои што го заземаат врвот на агендата на Европската Унија, истовремено промовирајќи можности за жените како и за младите лица“, нагласи амбасадорот на ЕУ, Гир.

Директорот на Развојна банка на Северна Македонија, Кире Наумов ги презентираше сите детали на јавниот повик при што посочи дека кредитите ќе бидат без камата, со 3 години рок на отплата и вклучен грејс период до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.

„Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва. Објавата на Јавниот повик ја правиме денес, а почетокот за доставување кредитни барања за Ковид 3 е на 16 декември од 00 часот и 01 минута на полноќ. Кредитни барања ќе може да се доставуваат сè до 30 декември до 23 часот и 59 минути, односно повикот трае вкупно 15 дена. Пристигнатите кредитни барања ќе се обработуваат по завршување на јавниот повик, хронолошки, по принципот ,,прв дојден, прв услужен”, појасни директорот Наумов.

Аплицирањето ќе биде исклучиво електронски на е-маил адресата Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..

Новина во оваа кредитна линија е грант компонентата од 30% која корисниците на кредит од Ковид 3 ќе можат да ја добијат. Грант компонентата се однесува на четири категории субјекти, и тоа:
- Прва категорија субјекти се оние кои се управувани од жена, или пак имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50%;
- Втора категорија субјекти се оние кои се управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади, или пак имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50%;
- Трета категорија субјекти се извознички компании, кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50%;
- И четврта категорија е најширока, а се однесува на субјекти кои реализираат активности, односно проекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги;

Правото на грант ќе можат да го остварат кредитокорисниците на Ковид 3 по отплата на 50% од износот на кредитот, со поднесување на барање за грант до Развојната банка.

                                   

 Видео од прес-конференцијата во Влада на РСМ                                                      Презентација на Ковид3, пдф 

Извор: Влада на РСМ