Вести

Кире Наумов, Развојна банка: Корона кризата го зголеми интересот за осигурување на извозот

Со цел намалување на ризиците и последиците предизвикани од корона вирусот, државната Развојна банка на домашните
компании им нуди три групи на производи: осигурување на извозни и домашни побарувања,
факторинг (откуп) на побарувања, како и поддршка преку кредитирање.
Пвиот човек на Развојната банка, Кире Наумов, во интервју за специјализираниот портал Извоз.мк најавува и воведување
на нови производи и услуги во следниот период, како што се кредитната-гарантна шема, царинската гаранција и
третата бескаматна кредитна линија која би отпочнала со реализација следниот месец.

 

 

Интервју - Кире Наумов, главен извршен директор на Развојна банка на Северна Македонија

 

Пандемијата со Ковид 19 предизвика големи пореметувања во трговијата на светско ниво и намалување на македонскиот извоз, заради што многу земји воведoа различни шеми за поддршка на извозните компании и олеснување на тргувањето. Какви производи и услуги може да понуди Развојната банка на извозните компании и што е тоа што компаниите најмногу го бараат во овој период?

Наумов: Со цел намалување на ризиците и последиците предизвикани од корона вирусот, Развојна банка на Северна Македонија на домашните компании може да им понуди три групи на производи: осигурување на извозни и домашни побарувања, факторинг (откуп) на побарувања, како и поддршка преку кредитирање. Ова е спектрумот на инструменти со кои располага банката во моментов и изминатиов период, да речеме од март наваму и континуирано се обидуваме да ги прилагодиме инструментите за подобро да одговориме на потребите на домашните компании.

Од аспект на осигурувањето на побарувањата, во ниту еден момент не прекинавме со осигурување на побарувања дури ни за домашни компании изложени во најпогодените економии, како што беше Италија во еден период. Исто така, го намаливме трошокот на осигурување за домашните компании и го зголемивме опсегот на побарувања кои ги осигуруваме со вклучување на побарувањата со рок на плаќање подолги од 180 дена, а до 360 дена.

Заклучно со месец август 2020 година, Развојна банка има осигурани побарувања за домашни компании во вредност од 39,6 милиони евра, односно пораст од 27% во споредба со резултатите од минатата година.

Кај факторингот, ги направивме потребните промени за да може да се користи инструментот и во домашната трговија меѓу две домашни компании. Овој финансиски инструмент во Развојна банка комбинира кредитна заштита, наплата на побарувања и финансирање на компании кои продаваат производи и услуги со одложено плаќање покусо од 180 дена. Од вредноста на фактурата, 80% исплаќаме веднаш кон продавачот, со што овој инструмент влијае најмногу за подобрување на ликвидносната позиција на компаниите.  

Заклучно со месец август 2020 година, износот на откупени побарувања е зголемен за 38% во однос на истиот период минатата година.

Што се однесува до кредитирањето, освен интервентните бескаматни кредитни линии Ковид1 и Ковид2, Развојна банка преку деловните банки испласира 50,9 милиони евра поволни кредити со каматна стапка до 1,6% кон крајните корисници. Дополнително ги подобри и условите на кредитите кои го таргетираат земјоделскиот сектор.

Преку Ковид1 и Ковид2, таргетирано успеавме да им излеземе во пресрет на 1.376 домашни компании со 17.834 вработени, кои доминантно беа микро компании кои имаат до 10 вработени. Со поволните кредити од ЕИБ кредитната линија, успеавме преку деловните банки да поддржиме 186 проекти со 50,9 милиони евра, кои треба да резултираат со нови 605 вработувања.

Осигурувањето на извозот е еден од производите кои Развојната банка го нуди подолго време. Дали неизвесноста ја зголеми побарувачката за овој инструмент и се планираат ли некои измени за овој инструмент?

Наумов: Со настанатата криза предизвикана од корона вирусот и зголемување на неизвесноста и ризиците, интересот за осигурување на извозните и домашните побарувања можеме да заклучиме дека се зголеми. Ова особено важи за периодот кога во Италија почнаа да се откажуваат првите нарачки и кога нашите извозници ги почувствуваа првите бранови на неизвесност по нивните побарувања.

Ќе навлезам во малку повеќе детали. И покрај намалениот вкупен извоз на ниво на држава за 22,3% во првото полугодие на 2020 година, Развојна банка забележа зголемување во волуменот на осигурани побарувања и тоа за 31,8% во однос на истиот период минатата година. Банката во првите шест месеци од 2020 година обработи вкупно 442 апликации за странски и домашни купувачи на домашни компании, од кои одобри осигурување на 323 купувачи или 73%. Со тоа поддржавме извоз во 23 земји.

На крајот на првиот квартал од 2020 година, во делот на осигурување на побарувањата, Развојна банка излезе во пресрет на домашните компании и ја зголеми рочноста на побарувањата, со што се овозможи банката да осигурува побарувања со подолг рок на доспевање (до 360 дена). Секако, ова е една од низата на промени кои се потрудивме да ги имплементираме со цел да дадеме поголема поддршка на домашните компании.

Тука, би сакал да потенцирам дека осигурувањето на побарувањата, без разлика дали се странски или домашни, не е луксуз, туку реална потреба. Не треба да биде инструмент кој што го користат само неколку домашни компании, туку треба да биде основен заштитен инструмент на секоја домашна компанија.  Во времиња кога се потешко се предвидува иднината, осигурувањето на побарувањата како превентивен инструмент нуди двојна заштита - и на приходите и на готовинските текови на компаниите. Оттука, секој што носи одлуки со финансиски импликации во компаниите, треба најмалку квартално да ги става на вага трошоците и бенефитите од користење на осигурување кај побарувањата.

Неодамна беше најавено воведување на гарантна шема која ќе се реализира исто рака преку Развојната банка. До каде е реализацијата и како таа ќе функционира?

Наумов: За воведувањето на гарантната шема постои меѓуинституционална работна група која досега имаше неколку продуктивни работни средби, каде што се дискутираа начините и моделот за оваа шема. Во овој дел работната група имаше поддршка и од ММФ кои обезбедија техничка мисија за анализа на состојбите, споделување искуства и препораки за поставување на гарантната шема.

Воведувањето на гарантната шема покрај финансиските предуслови, бара создавање и на законски предуслови и поради тоа е сè уште во фаза на подготовка иако контурите се исцртани и фокусот е јасен. Во следниот период очекуваме да се допрецизираат деталите за производот и ќе бидат достапни за јавноста. 

 

Дали и какви други измени се планираат со цел производите кои ги нуди Развојната банка да се направат поконкурентни и попристапни до извозните компании?

Наумов: Развојна банка го следи пулсот на домашните компании и постојано го прилагодува своето работење според нивните потреби. Постојано се трага по нови поповолни извори за финансирање со цел истите да бидат ставени на располагање на домашните компании, максимално да се искористат постојните финансиски капацитети и да се олеснат процедурите и постапките при аплицирањето. Од тој аспект, за следниот двегодишен период, Развојната банка ќе склучи нов договор со Европската инвестицона банка на износ од 100 милиони евра, кои преку деловните банки во форма на поволни кредити ќе го поддржат развојот и потребите на нашите домашни компании.
Очекуваме до крајот на годината да се отпочнат и завршат преговорите со ЕИБ, по што на почетокот на 2021 година би се создале услови за повлекување на првите транши.

На хоризонтот пред нас е воведувањето на нови производи и услуги, како што е кредитната-гарантна шема, царинската гаранција, и третата бескаматна кредитна линија која би отпочнала со реализација следниот месец.

Извор: izvoz.mk