Вести

Работилница: Нацрт-студија со секторска анализа на земјоделието и руралниот развој

Скопје, 17.09.2020 - Претставници на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје од секторот за кредитирање и гаранции земаа учество на работилницата на која се разгледа нацрт-студија со секторска анализа на земјоделството и руралниот развој, со цел подготовка на Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за периодот 2020 – 2029 година. На настанот се обрати Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, а главен презентер беше м-р Лазо Димитров, автор на првиот нацрт на студијата.

        

Од 2010 година наваму, Развојна банка управува со Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ) кој ги таргетира носителите на земјоделските стопанства упишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, малите и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство, преработка на земјоделски производи и извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки, како и носители на земјоделски стопанства, мали и средни претпријатија кои имаат склучени договори со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за користење на финансиска поддршка од ИПАРД програмата 2007-2013. За реализацијата на средствата од овој фонд, Развојна банка даде придонес во нацрт-студијата.

Во минатиот петгодишен период, низ призма на регионите на државата, може да се забележи дека се одобрени вкупно 378 кредитни барања со вкупен износ од 5 милиони евра, од кои најмногу кредитни барања се одобрени во Вардарскиот регион и тоа 97. Во Пелагонискиот и Источниот регион се одобрени 82 и 81 кредитни барања, респективно. Најмалку кредитни барања се одобрени во Полошкиот регион - само 5.
Просечниот одобрен кредит по корисник од ЗКДФ изнесува речиси 13 илјади евра.

Вкупно, од почетокот на реализацијата на оваа кредитна линија наменета за агросекторот, од 01.07.2010 година до 31.08.2020 година, се поддржани 1.713 проекти во вредност од 34,5 милиони евра.


Во структурата доминираат кредити за примарно земјоделско производство, односно 1.519 поддржани проекти со вкупен износ од 20,8 милиони евра. По нив следат кредити за преработка на земјоделски производи кои изнесуваат 151 со вкупен износ од 10,8 милиони евра и кредити за трговија со земјоделски производи и нивни преработки кои изнесуваат 43 со вкупен износ од 2,9 милиони евра.

Од оваа кредитна линија наменета за агросекторот, слободните средства за нови пласмани тековно изнесуваат 1,6 милиони евра. Истите се пласираат преку деловните банки (Прочитај повеќе).