Вести

Одобрена нова група кредитни барања од „Ковид2“

РБСМ, 09.09.2020 - Владата на својата трета седница одржана на 09 септември 2020 година, ја усвои информацијата на Развојна банка на Северна Македонија во врска со кредитните барања кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1, односно за кредити од кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош со цел намалување на последиците од коронавирусот. Ја задолжи банката да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1, наведени во доставениот список бр.5,. односно на 50 компании со барања за поддршка во висина од 54.258.000 денари.

Заклучно со оваа информација, од Развојната банка се исцрпени сите средства предвидени за втората бескаматна кредитна линија. Од средствата од Компензационите фондови од странска помош, се одобрија вкупно 639 кредитни апликации по принципот ,,прв дојден, прв услужен", пристигнати заклучно со 30.04.2020 година до 12 часот и 34 минути напладне. Во овој период се евидентирани вкупно 796 кредитни апликации, од кои 153 не ги исполниле условите објавени во јавниот повик.

Со средствата кои беа предвидени за втората бескаматна кредитна линија,(8 милиони евра), вкупно се одобрија кредити на 639 домашни компании кои вработуваат вкупно 11.325 лица. По структура, најголем дел од одобрените кредитни барања доаѓаат од микро компании кои вработуваат до 10 лица и тоа 404 или 63%. Од мали компании доаѓаат 177 или 28% од одобрените кредитни барања, и 58 или 9% доаѓаат од средни компании.

Околу 90% од средствата одобрени во втората бескаматна кредитна линија се веќе исплатени кон компаниите. Развојна банка ќе стапи во контакт со компаниите чии кредитни апликации беа одобрени на третата владина седница во текот на следната недела.