Исплатена четвртата транша во износ од 34,1 милиони евра кон деловните банки од кредитната линија за инвестиции и развој на компаниите

06.08.2025

Развојна банка ја исплати четвртата транша во износ од 34,1 милиони евра кон деловните банки за 114 одобрени проекти на домашните компании од кредитнатата линија за финансирање на инвестиции и развој на приватните трговски друштва.

Најголем дел од средствата на оваа транша се наменети за финансирање на 64 проекти на мали компании. По структура на дејност, од оваа транша најголем дел од средствата се исплатени за поддршка на компаниите кои имаат дејност пред сé од областа на производството, во износ од 19,9 милиони евра.

Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следна: 36% во градежи, 36% во опрема, 25% во обновливи извори на енергија и 3% инвестиции во транспортни средства. Со овие средства се поддржани 3 микро, 64 мали, 29 средни и 18 големи компании во државата.

Со оваа транша, Развојна банка досега исплати вкупно 159,9 милиони евра кон деловните банки, односно 64% од предвидените 250 милиони евра наменети за поддршка на стопанството преку кредитната линија за инвестиции и развој, со што се финансирани 584 проекти на домашните компании.