Развојна банка го дигитализира процесот за кредитно осигурување
- преземено од Соопштение за медиуми од Швајцарската амбасада во Скопје и УСАИД Скопје -
Развојната банка на Северна Македонија, Активноста на УСАИД Партнерства за Економски раст и Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) потпишаа договор за набавка на нов дигитален производ на домашниот финансиски пазар - дигитална алатка за кредитно осигурување.
Целта на оваа соработка е да се одговори на потребите на домашните компании за раст и развој, односно да се олесни пристапот на компаниите до посоодветни инструменти и решенија за управување со финансиите. Ова софтверско решение ќе ја олесни и забрза комуникацијата и ќе им помогне на компаниите поедноставно да ги користат инструментите кои ги нуди Банката за олеснување на трансакции, особено во делот на обезбедување на побарувањата, осигурување на извозот и факторингот. Решението ќе биде поставено на веб-платформата на Развојната банка и целосно прилагодено за употреба од страна на компаниите.
Минатата година, согласно интерната анализа на Развојната банка и потребите за пристап до финансии на приватниот сектор, Банката успешно реализираше кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација, со поддршка од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ.
Швајцарија е искрен и сигурен партнер на Северна Македонија од 1992 година. Дипломатските односи помеѓу двете држави се воспоставени во 1994 година, а од 1996 година започнува Швајцарската програма за развој и соработка во земјата. Од тогаш Швајцарија има инвестирано околу 350 милиони швајцарски франци, еден од најголемите билатерални донатори во земјата, да ги поддржи одржливиот економски раст, заштитата на природата и одржливо управување со природните ресурси, и доброто демократско владеење во државата. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата https://www.eda.admin.ch/countries/north-macedonia/en/home.html и на официјалните страни на Facebook, LinkedIn и Twitter.