Поддршката на Развојна банка за економскиот развој на државата
Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Развојна банка ја истакна важноста од континуираната поддршка на компаниите, пред сé малите и средни претпријатија, преку поволните кредити во изминатите пет години, во услови кога светот се соочуваше со кризи незапаметени на светско ниво, на кои не беше имуна ни една економија. На прес конфереренцијата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија, Крешник Бектеши, преку чии надлежни институции се реализираат голем број од проектите.
Кире Наумов, главен извршен директор на Развојна банка зборуваше за работењето на банката, и подвлече дека во насока на декарбонизација на глобално ниво, а во функција на обезбедување на поволни зелени кредити, банката ги интензивираше своите активности и преговори со нови меѓународни кредитори.
„Голема чест и задоволство ми претставува, пред вас да зборувам за успесите на банката која оваа година одбележува јубилеј, 25 години постоење, кои значат 25 години континуирана поддршка на домашните компании. Средствата од ЕИБ 7 кредитната линија во износ од 64,5 милиони евра се веќе пласирани кон деловните банки, а новитет е потпишувањето на договорот со Француската развојна агенција за нови 50 милиони евра кои ќе бидат достапни на компаниите преку деловните банки за зелени и социјални инвестиции. Во завршна фаза е и обезбедување на средства од Банката за развој на Советот на Европа, во износ од 50 милиони евра кои дополнително ќе им се стават на располагање на микро, малите и средните претпријатија во државата. За работењето на банката говорат и финансиските резултати и тоа, активата на банката во последните 4 години кумулативно е зголемена за 56,2% или во просек по 18,7% годишно. Нето-кредитите во последните 4 години кумулативно се зголемени за 55,0% или во просек по 18,3% годишно. Капиталот на банката во последните 4 години кумулативно е зголемен за 35,2% или во просек по 11,7% годишно. Заклучно со 30.06.2023 година 7,4% од вкупните кредити на банкарскиот сектор пласирани кон нефинансиските друштва се со средства од РБСМ. Во фокусот на Развојна банка и во иднина ќе биде: засилена поддршка на економскиот развој на државата преку поволни кредити; зголемена поддршка на извозот, поддршка на зеленото финансирање како и поддршка на процеси кои се поврзани со дигитализација и иновативни решенија кај компаниите“, истакна директорот Наумов.
„Развојна банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата во услови на глобални поместувања. Во периодот од 2019-2023 година во време на Ковид кризата, кога стопанството целосно се затвори, преку Развојна банка беа поддржани 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра. Во услови на енергетска криза, пак, се поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиони евра. Со Фондот за развој се поддржани 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра. Или конкретно, изминатите 5 години, почнувајќи од Ковид кризата, потоа енергетската и ценовната криза, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места. Во следниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании.Ова е дел од она што го правиме како Влада за да ги поддржиме компаниите и во време на кризи, да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа раст и на економијата во целост“, истакна Ковачевски и додаде дека минатата недела, пласирани се 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7 кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средни претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.