Во рамките на соработката со Француската агенција за развој (АФД), делегација на Развојната банка на Северна Македонија предводена од главниот извршен директор д-р Ефимија Димовска, во Париз и Брисел реализираше студиска посета посветена на климатското финансирање. Студиската посета беше спроведена од страна на конзорциумот IPC – Internationale Projekt Consult како водечки партнер, adelphi и iC – CES Clean Energy Solutions, ангажирани од страна на АФД како техничка помош за поддршка на кредитните активности на РБСМ.
За време на студиската посета, делегацијата на РБСМ оствари работни средби со повеќе институции кои имаат водечка улога во областа на климатското финансирање, зелената транзиција и одржливото развојно банкарство во Франција и во Европската Унија како AFD, BPIFrance, OECD и неколку генерални директорати на Европската комисија (DG Enest, DG Fisma, DG Clima и DG Growth).
На средбите со домаќинот и организатор на студиската посета АФД, во повеќе работни сесии се разговараше за интензивирање на пласманите од АФД кредитната линија, продолжување на соработката со техничката помош, стандардите за управување со еколошки и социјални ризици, финансирањето на енергетската транзиција, соработка со Проектот за енергетска ефикасност во јавните згради PEEB Cool, а се разгледа и можноста за пристапување на РБСМ во глобалната мрежа на државни развојни банки Finance in Common Summit (FICS).
Претставниците на француската јавна инвестициска банка BPIFrance ја запознаа нашата делегација за производите и начинот на функционирање на оваа развојна банка и споделија искуства кои во догледна иднина можат да бидат од корист за работењето на РБСМ.
Дискусиите со OECD, Organisation for Economic Co-operation and Development беа фокусирани на можностите за мобилизација на приватен капитал за развојни цели, зелената таксономија и мерењето на зелените клучни индикатори (KPIs), инструментите за финансирање на зелените инвестиции и улогата на јавните развојни банки во поттикнување на енергетската транзиција во Западен Балкан.
На средбите со претставниците од Европска комисија се потенцираше исполнувањето на целите од реформската агенда од страна на РБСМ, импликациите од зелената агенда врз државата, а беа разгледани и можностите и инструментите на ЕУ за одржливо финансирање, кои би можеле да ѝ бидат ставени на располагање како на државата така и на РБСМ, со повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2028-2034 година.
Студиската посета претставуваше исклучително вредно искуство согледувајќи ги перспективите од целата област на климатското финансирање, притоа нагласувајќи ја важноста на меѓусебното учење и институционалниот дијалог.