Ефимија Димовска
ГЛАВЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР
Д-р Ефимија Димовска е родена во 1975 година во Берово. Дипломира на Eкономскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Катедрата за деловна економија. Образованието го продолжува во САД на University of Kentucky каде што во 2003 завршува едногодишни специјалистички студии за Економски развој и Бизнис администрација, а во 2006 година магистрира на University of Pittsburgh во областа на Јавна политика и менаџмент. Во 2013 година докторира на Eкономскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје во областа на финансиите, со посебен фокус на истражувањата во делот на пристап до финансирање на мали и средни претпријатија. Својата 27 годишна професионална кариера ја гради на одговорни и раководни позиции во Министерството за финансии, Развојната банка, енергетскиот сектор и високото образование. Повеќе од 18 години активно работи во областа на развојно банкарство, финансиски сектор и меѓународни проекти.
Поседува значајно искуство во финансиско планирање, буџетирање, контрола и корпоративно управување, стекнато преку работа во корпоративниот сектор и учество во надзорни и евалуациски процеси. Активно учествува како национален и меѓународен експерт во проекти на Европската комисија и агенции на Обединети Нации, што претставува дополнителна вредност за стратешко разбирање на економските и развојните политики.
На 31.12.2025 година е именувана за член на Надзорен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје. Со почеток од 24.02.2026 година е именувана за вршител на должност главен извршен директор и член на Управен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, а на 24.04.2026 година е именувана за член на Управен одбор и главен извршен директор на Банката.
Бесим Небиу
ГЛАВЕН ОПЕРАТИВЕН ДИРЕКТОР
Бесим Небиу дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за Финансиски менаџмент, а магистрира во областа на меѓународната економија на Економскиот институт при истиот Универзитет. Завршува и меѓународна програма за Европски студии во Брисел, организирана во соработка со Католичкиот универзитет во Лувен и Белгијско-италијанската стопанска комора. Неговото стручно усовршување вклучува програма за климатско и одржливо енергетско финансирање на Frankfurt School of Finance & Management, како и програма за развој на лидерски капацитети на Center for Creative Leadership во САД, со фокус на стратегиско размислување, управување со промени и организациска ефективност.
Има професионална кариера од три децении во областа на меѓународниот развој, институционалното јакнење и раководењето со сложени регионални програми. Шеснаесет години работи во меѓународни организации надвор од Северна Македонија, додека останатиот дел од професионалното искуство го стекнува во земјата и во поширокиот балкански регион. Во текот на кариерата раководи со мултилатерални и регионални операции и програми во повеќе земји, гради мултидисциплинарни и географски распределени тимови и воспоставува партнерства меѓу јавниот сектор, финансиските институции, меѓународните организации и граѓанското општество.
Пред именувањето во Банката ја извршува функцијата директор за регионални операции и програми за Централна и Источна Европа и земјите од ЗНД во Habitat for Humanity International, со седиште во Братислава. На оваа позиција е одговорен за стратегиското насочување на регионалните операции, управувањето со програмските портфолија и раководењето со тимови и иницијативи во повеќе земји. Во фокусот на неговото лидерство е поврзувањето на развојните цели со финансиски одржливи, применливи и долгорочно скалабилни решенија.
Во текот на кариерата раководи со значајни регионални портфолија финансирани од Европската Унија и УСАИД и придонесува кон развојот на финансиски модели и инструменти за станбени инвестиции, енергетска ефикасност, достапно домување и подобрување на условите за живеење. Неговото искуство опфаќа развој на револвингфондови, финансиски механизми и партнерства за мобилизирање јавен и приватен капитал, како и соработка со влади, општини, деловни банки, микрофинансиски институции и водечките европски и меѓународни развојни банки.
Поседува долгогодишно искуство во корпоративното и институционалното управување, стекнато преку членство и претседавање со органи на управување на организации во Северна Македонија, Полска, Романија, Унгарија и Косово. Во овие функции придонесува кон утврдување на стратегиските насоки, јакнење на организациските капацитети, надзор над финансиското и оперативното работење, управување со ризиците и следење на резултатите.
Од јули 2026 година е член на Управниот одбор – главен оперативен директор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Андриана Матлиоска
ПРЕТСЕДАТЕЛ
Д-р Андриана Матлиоска е државен секретар во Министерството за финансии на Република Северна Македонија. Повеќе од една деценија нејзиното професионално искуство се протега во областа на јавните финансии, банкарството, усогласеност со регулатива и корпоративно управување.
Кариерата ја започнува во Министерството за финансии, на почетокот на 2015 година, каде што извршува повеќе одговорни позиции поврзани со координирање на процеси со областа на финансискиот сектор, следење на финансиското работење на јавните претпријатија, трговските друштва и агенции, буџетските процеси и креирањето политики. Во периодот 2021 – 2024 година ја извршува функцијата одговорно лице за контрола на усогласеност со прописи, а едновремено е одговорна за вршење на функциите офицер за заштита на лични податоци и одговорно лице за FATCA во една од македонските банки, каде што беше задолжена за регулаторна усогласеност, управување со ризик од неусогласеност и имплементација на меѓународни финансиски стандарди. Во 2024 година се враќа во Министерството за финансии како посебен советник на министерот, а наскоро потоа е именувана за државен секретар.
Матлиоска е доктор на правни науки со специјализација во трговско и трудово право и е магистер по деловно право и сертифициран специјалист за корпоративно управување и усогласеност со прописи според европските стандарди за квалитет во стручното образование и обука.
Активен член е на повеќе национални комисии и комитети во областа на финансискиот систем и стабилност, спречувањето перење пари, управувањето со јавните финансии и антикорупцијата. Учествувала на бројни меѓународни конференции и форуми организирани од страна на Светската банка, ММФ, ОЕЦД и Европската Унија, придонесувајќи за јакнење на финансиското управување и меѓународната соработка.
Со академска стручност и обемно практично искуство во финансискиот сектор, д-р Матлиоска обезбедува транспарентност и отчетност и воедно промовира одржлив финансиски развој во Република Северна Македонија.
Од 31.10.2025 година ја извршува функцијата Претседател на Надзорен одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Христина Келемен
ЧЛЕН
Христина Келемен дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде ги завршува и постдипломските студии на Економскиот институт. Професионалната кариера ја започнува во 2002 година во приватниот сектор, а во 2008 година ја продолжува во Канцеларијата на Претседателот на Владата, каде работи на економски политики како Државен советник за економски прашања. Како извршен член на Одборот на директори на АД Тутунски комбинат Прилеп активно учествува во корпоративното управување, стратешкото планирање и реализацијата на развојни проекти. Истовремено, ја извршува функцијата в.д. Претседател на Советот за унапредување и надзор над ревизијата. Во моментов е Советник за финансиски прашања во Канцеларијата на Претседателот на Владата.
Од 14.10.2025 година е член на Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Тања Михајловска Димитриевска
ЧЛЕН
Тања Михајловска Димитриевска е родена во 1981 година во Скопје. По дипломирањето на Eкономскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Катедрата за финансиски менаџмент, својата професионална кариера ја започнува во Ernst & Young – Скопје во одделот за екстерна ревизија на банки и осигурителни компании. Од 2005 година почнува да работи во ПроКредит Банка каде што станува Директор на внатрешна ревизија. Во последните десет години (од 2015 до денес) работи како експерт и Глобален директор за внатрешна ревизија во инвестициски банки во Лондон, Обединетото Кралство каде води глобални тимови и спроведува ревизии во области како стратегиски промени и трансформации, коорпоративно кредитирање, приватно банкарство и коорпоративна култура. Таа е Овластен внатрешен ревизор од Институтот за Ревизори во Обединетото Кралство (IIA UK, 2023) и е сертифицирана за спремност за управни и надзорни одбори (Board Readiness Programme, 2025). Воедно активно делува и како лидер/амбасадор во Women on Boards Adria, член на European Women on Board и поранешен основач и член на управниот одбор на Институтот за Внатрешни Ревизори во Северна Македонијa.
Ариф Муса
ЧЛЕН
Ариф Муса е роден во 1961 година во с. Липковица, Тетово. Универзитетското образование го стекнува на Економскиот факултет во Приштина во 1988 година. По завршување на високото образование, работи како сметководител и финансиер во приватни претпријатија, професија која ја извршува до неговото пензионирање. Во 1996 година е избран од страна на Советот на Општина Тетово за член на Одборот за контрола на материјално-финансиското работење на Јавното претпријатие ТЕТОВО, функција која ја извршува до март 1998 година. Од ноември истата година до 2022 година работи како член на Одборот за контрола на материјално-финансиското работење на Медиумската Информативна Агенција – МИА. На предвремените локални избори во 1998 година и редовните локални избори во 2000 година, е избран за советник на Општина Тетово каде е председател на Комисијата за финансии и буџет до 2005 година. Од страна на Собранието на Република Северна Македонија во јануари 2007 година, е избран за член на Комисијата за спречување на корупцијата со мандат од 4 години, функција која ја извршува до април 2011 година.
Од 15.6.2026 година ја извршува функцијата член на Надзорен одбор на Развојна Банка на Северна Македонија АД Скопје.