Вести


ПРЕКУ МБПР - Половина од евтините кредити од ЕИБ легнаа на сметките на фирмите


Од МБПР информираат дека од кредитната линија од 50 милиони евра повлечена е првата транша од 23 милиони и парите се дистрибуирани за поддршка на 112 одобрени проекти.
Скоро половина од парите за евтини кредити од Европската инвестициска банка кои се дистрибуираат преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) се веќе на сметките на претпријатијата.
Од МБПР информираат дека од кредитната линија од 50 милиони евра повлечена е првата транша од 23 милиони и парите се дистрибуирани за поддршка на 112 одобрени проекти. Александар Станојковски од МБПР вели дека во банката се започнати подготовките за повлекување на втората транша за остатокот од парите. Со првите одобрени 23 милиони евра ќе се помогне реализацијата на проекти вредни 44,87 милиони евра, а 73 отсто од нив се дадени како инвестициски кредити со рок на отплата до осум години, додека остатокот се за кредити за обртни средства со рок на отплата до три години. Со реализација на 112-те проекти треба да се отворат 434 нови работни места.
За овие кредити со каматна стапка од 5,5 отсто апликациите се поднесуваат со НЛБ Тутунска банка, Прокредит банка, Охридска банка, Халкбанк, Шпаркасе банка Македонија и УНИ банка. Кредитите може да се користат за купување недвижности, машини, апарати, алати, возила, но и за тековните потреби на фирмите и набавка на стоки и материјали. Според правилата на ЕЕБ, не можат да се користат за финансирање проекти за производство на алкохол, оружје и муниција, за игри на среќа, финансиски дејности.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред крајот на минатата година најави дека во првиот квартал од оваа година ќе има нова инфузија за малите и средните фирми. Државата годинава планира да се задолжи со нов кредит од 100 милиони евра, а аплицирањето да почне кога ќе се искористат 70 отсто од актуелната транша од 50 милиони евра. Неколку дена, пак, пред Нова година министерот за економија Ваљон Сараќини најави нова кредитна линија на Европската инвестициска банка од 150 милиони евра, за проектот извозен факторинг со кој преку МБПР ќе се откупуваат побарувањата на домашните компании, а ќе се реализираат и други проекти.
Со претходната кредитна линија од ЕИБ во вредност од 100 милиони евра, која е целосно искористена, се поддржаа повеќе од 300 проекти и се отворија над 2.000 работни места.

(С.Ву.) 

 


УСАИД за земјоделците
КОМПАНИИТЕ УЧЕА КАКО ДА СТИГНАТ ДО ФИНАНСИИ


Програмата АгБиз на УСАИД одржа форум за склучување партнерства - „Како полесно до финансии и алтернативни начини на финансирање на вашиот бизнис“, за да им помогне на компаниите од земјоделството да научат за можностите кои македонскиот финансиски пазар ги нуди,а кои се во согласност со нивните потреби. Претставници од водечки македонски банки и финансиски институции, вклучувајќи  ја и Македонската банка за поддршка на развојот, Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд, НЛБ Лизинг, Штедилница Можности и Развојна фондација Кримсон, ги презентираа своите корпоративни финансиски производи и услуги пред претставници од над 30 компании од секторите за свежо овошје и зеленчук и преработки од зеленчук. Една од трите клучни теми беше новиот финансиски производ „факторинг“, кој МБПР неодамна го воведе со поддршка на УСАИД, и кој, пред сѐ, им овозможува на извозниците да пристапат до финансии без дополнителни гаранции и хипотеки.
„Пристапот до финансиски производи скроени за потребите на компаниите е составен дел за успехот на секој земјоделски бизнис“, рече директорот за економски развој во УСАИД, Џосеф Лесард. „Свесност и користење на локалните можности за финансирање на една фирма може да и обезбеди продолжен раст, конкурентност, пристап до пазарот, извозно проширување, и најважно, создавање работни места“.
Програмата АгБиз на УСАИД, преку Центарот за иновација, локална невладина организација, ќе продочжи да овозможува пристап до финансии за македонските земјоделски компании. Финансиските дасилитатори од Центарот им помагаат на компаниите да развијат бизнис планови прифатливи за банките.

 


Конференција за унапредување на извозот

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ќе присуствува на седмата годишна Конференција за унапредување на извозот на Република Македонија, со која ќе претседава министерот за економија Ваљон Сараќини. - Во плeнaрниот дел на конференцијата ќе учествуваат претставници на Владата и институциите во чиј делокруг се политиките и активностите за подобрување на извозните активности, како и претседателите на стопанските комори во Македонија, информира Министерството за економија. Во рамки на конференцијата ќе се одржи и  Извозен форум на тема: „Како до поголем извоз на глобално конкурентни производи/услуги со повисоко додадена вредност и како до поефикасен систем за државна поддршка за извозот“.


Прва транша од Европската инвестициона банка

Заклучно со 18 ноември годинава, осум деловни банки поднеле барања за користење средства од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 50 милиони евра, подготвена од Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР). Или тоа значи дека се бара финансиска поддршка на 87 проекти во износ од околу 19,5 милиони евра. Од овие барања, 73 отсто од вредноста на кредитите е наменет за инвестиции со рок на отплата од три до осум години, додека 27 проценти се за набавка на обртни средства со рок на отплата до три години.

Ова било изнесено на последната седница на Економскиот совет каде што било разгледувано до каде е информацијата за реализација на кредитната линија од Европската инвестициска банка. Македонската банка за поддршка на развојот, како што соопшти владината прес-служба, прави подготовка за повлекување на првата транша од кредитот.

Согласно со анализите и проекциите, се очекува до крајот на годината да се повлечат меѓу 19 и 25 милиони евра, како и да се достави барање за повлекување дополнителни 10-15 милиони евра.

(Ек.Р.)


МБПР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ПРВАТА ТРАНША
Кредитна линија од ЕИБ вредна 50 милиони евра

За поддршка на бизнисот на малите и средни компании наскоро се очекуваат свежи пари. Во Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) се прават подготовки за повлекување на првата транша од кредитот од ЕИБ. Заклучно со 18 ноември годинава од страна на осум деловни банки се добиени барања за кредитна поддршка на 87 проекти во износ од околу 19,5 милиони евра.

За активностите на МБПР деновиве се дискутираше и на Економскиот совет. Владините министри ја разгледа информацијата за реализација на кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 50 милиони евра, подготвена од Македонската банка за поддршка на развојот.
-Од 87 проекти ,73 отсто од вредноста на кредитите е наменет за инвестиции со рок на отплата од три до осум години, додека 27 проценти се за набавка на обртни средства со рок на отплата до 3 години-информираат од владината прес-служба. Според нив тоа е во согласно анализите и проекциите, а се очекува до крајот на годината да се повлечат меѓу 19 и 25 милиони евра, како и да се достави барање за повлекување на дополнителни 10 до 15 милиони евра.
На седницата на Економскиот совет со која претседаваше премиерот Никола Груевски главна тема беа и тековните макроекономски движења и информациите за повеќе тековни проекти и активности од економската сфера.

Се разгледуваа и информации во врска со доуредувањето на одредени модалитети кои имаат за цел унапредување и зајакнување на системот на социјалната политика, како и унапредување на грижата за социјално ранливите групи.

(В.Ма.)

Page 1 of 2

Financial Agreement Signed with EIB of EUR 100 million - Phase V                                Export Factoring Interest Rate Lowered from 5% to 4%.                                Loans for ACCOMMODATION FACILITIES.                                AGRO-INDUSTRY Loans with interest rate of 2% ONLY!                                Reduce the risk, insure the sale! Unique opportunity to secure domestic and export receivables.                                Special Credit Guarantee Scheme.